Home » Активности » Ученици од ,,Наце Буѓони” од електротехничката струка беа на Еразмус+ проект во Бугарија

Ученици од ,,Наце Буѓони” од електротехничката струка беа на Еразмус+ проект во Бугарија

По потпишувањето на договорот склучен помеѓу ОСТУ „Наце Буѓони“ – Куманово и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за Еразмус+ проектот под наслов: „Од пракса до реализација – изучување и примена на иновативни и еколошки ефективни методи од областа на електроенергетика и мехатроника – From practice to implementation- studying and applying innovative and environmentally efficient methods from the field of electrical engineering and mechatronics“), од 23 март – 5 април 2025 г. на лоокаците: Стара Загора – Поморие – Бургас  во Република Бугарија, 16 ученици од електротехничката струка и тоа од профилите електротехничар-енергетичар и техничар за индустриска мехатроника и 2-ца наставници, имаа можност за  едукација на учениците во современи компании со примена на иновативни и еколошки методи. 

  1. Глобал кар Тојота – Учениците имаа можност да ги видат сите модели на хибридни и електрични возила. Беа едуцирани за управување и оддржување на електричниот погон кај електричните и хибридните возила. Ги осознаа предностите на хибридните возила во однос на бензиските мотори од еколошка гледна точка – пониски емисии на штетни гасови во атмосферата. Имаа прилика и да се возат со 100% електрично возило  како и со „plug-in“ хибрид.
  1. Содиком – е фабрика која се наоѓа во Поморје и се занимава со изработка на метални делови по нарачка со многу голема точност (70 микрони).  Учениците  имаа  прилика да видат  разновидни CNC и електро-ерозивни машини и да се запознаеме со нивниот принцип на работа.  Содиком  се грижи и за животната средина, отпадниот материјал е минимален и понатаму се рециклира,  има и енергетски независна инфраструктура со соларни панели кои создаваат вкупна моќност од 69kW и имаат дизел генератор од 36kW. Целиот систем им е off-grid што значи дека не се поврзани на градската мрежа.
  1. Г.С. Раковски -Стара Загора – Средно стручно електротехничко училиште. Го посетивме училиштето во кое се изучуваат истите струки како и кај нас. Бевме во сите кабинети каде се изведуваат вежбите, и имавме можност да ја видиме нивната опременост со нагледни средства. Нашите ученици имаа можност да разменат искуства и реализираат заеднички практични вежби со  учениците – домаќини. Училиштето работи на тоа да ги подобри еколошките методи за почиста зелена иднинa. 
  1. Запознавање со културните знаменитости на Стара Загора и Бургас. Учениците преку игра осмислена од координаторот на проектот имаа за задача да осознаат што повеќе факти за Стара Загора. Беа поделени во тимови и добија инструкции за играта. Резултатите од играта беа одлични, сите групи ги презентираа  (преку фотографии и видеа) местата кои требаше да ги опишат. Знаменитостите во Бургас ги претстави локален водич.
  1. ЕЛ Контрол – претпријатие кое  нуди професионални решенија  од областа на   енергетиката. Учениците имаа можност да видат  шемирање на управувачки ормари , испитувања на функционалноста  на заштитни  релеи  ,  испитување на изолациони  материјали  под висок напон ,  како и целиот асортиман на елементи и уреди од познати брендови (Schneider, Simens, ABB) кои ги користат при реализацијата на нивните проекти.
  1. Фотонапонска централа со инсталирана моќност од 2,5 MW – Учениците можеа да видат од блиску како изгледа едно фотоволтаично поле, да видат како се поставени фотонапонските модули на металните конструкции, како се поврзани меѓусебно и како се приклучени на инверторите.  Во склоп на централата ја посетивме и трафостаницата прку која централата се поврзува на среднонапонска електрична мрежа. Имаа можност да ја видат и заштитата на ФН централа од атмосферски празнења.
  1. ВИДЕОТОН – фирма во која се произведуваат и тестираат електронски печатени плочи за разни електрични апарати и уреди. Учениците имаа можност да ја видат постапката за ослободување од нивниот статичен електрицитет , бидејќи без тоа не беше можно да се влезе во погонот. Им беше овозможено да го видат целосно автоматизираниот процес на производство, како и завршната контрола на секоја електронска плоча.

 

Нашите ученици и наставници се вратија презадоволни од организацијата на овој, пред сѐ едукативен проект, начинот на кој истиот се одвиваше, сместувањето во одлични хотелски услови како и можноста да ги посетат стручното училиште и компаниите кои во споменатите три града професионално работат во областите поврзани токму со нивните образовни струки и профили, без да бидат изоставени и добрата забава и прекрасни мигови во добро расположение.