Во склоп на овогодишниот натпревар RoboMac кој се одржува по 10-ти пат на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје за првпат се одржа и натпреварот Robomac Junior во кој учествуваа 40 ученици од средните училишта од нашата држава.
На натпреварот кој траеше од 20 до 22 март учество зема и ученик од нашето училиште, Кирил Мишевски, кој е ученик во четврта година на насоката Електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Тимот на нашиот ученик успеа да се пласира во првите 5 најдобри тима на натпреварот.
Учениците се натпреваруваа во програмирање и управување на едукативни роботи, со цел роботите самостојно да изминат патека со пречки. Се работеше во неколку фази и тоа од запознавање со роботите и софтверот потребен да се испрограмираат истите, склопување на комплетите, до програмирање на роботите за нивно учество на финалната патека.
Освен натпреварувањето, овој настан имаше и едукативен карактер бидејќи професори и експерти одржаа предавања за основните принципи на роботиката и вештачката интелегенција. Учениците имаа можност да споделуваат знаења, како со наставниците така и со другите натпреварувачи, тимски да работат и најважното – можност за работа со вистински роботи.