Од учебната 2022/2023 година ОСТУ „Наце Буѓони” го воведува дуалниот образовен профил „Техничар за индустриска мехатроника”, кој се изучува во текот на четири години.
Системот на дуално стручно образование им овозможува на учениците кои се обучуваат да се стекнат со знаења, вештини и квалификации кои соодветствуваат на брзо променливите потреби на деловниот свет. Стручното образование се спроведува на две места, во компаниите и во стручните училишта. Кај оваа форма на образование концептот „учење преку практична обука” игра клучна улога.
Образовниот профил „Техничар за индустриска мехатроника” е базиран на германскиот модел на дуално стручно образование при што посебен акцент се става на практичната обука што ќе се спроведува во компанијата ДРЕКСЛМАЈЕР.
Со овој образовен профил се интегрираат знаења, вештини и компетенции од областа на електрониката, машинството и информатиката. Техничарот за индустриска мехатроника наоѓа примена во повеќе индустриски гранки особено каде што има автоматизација на производните процеси.
Исто така, ќе може да извршува работни задачи како: Електротехничар за автоматски и контролни системи, Техничар за процесна автоматика, Техничар за роботика и интелигентни системи, Електротехничар за комуникации, мерења и управување во електроенергетиката, Оператор на електрични машини и електромоторни погони, Оператор на компјутерски управувани системи, Оператор на технологијата на обработка на метали со деформација и режење и на други работни места, согласно со квалификацијата.
Наставниот план е направен по пример на германското дуално образование, но прилагоден на нашите услови. Учениците од завршната четврта година ќе имаат можност да полагаат матура со цел запишување на факултет, а сите оние кои ќе одлучат да не продолжат понатаму, ќе имаат можност за вработување во ДРЕКСЛМАЈЕР.