Во рамките на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во обрaзованието нашето училиште ОСТУ „Наце Буѓони“ – Куманово, заедно со партнер училиштето ССОУ „Коле Неделковски“ – Велес реализираше работилница „Академски клуб математика“ која се одржа во Велес.
На работилницата учениците од двете партнер училишта ги презентираа своите трудови кои заеднички ги изработија оваа учебна година. Изработени беа презентации за математичката константа „π“, имагинарната единица „i“, Ојлеровиот број „е“ како и врската која постои помеѓу овие броеви Ојлеровиот идентитет. На предавањето присуствуваа ученици од различна етничка припадност од двете училишта, одговорните наставници, членови на тимовите за меѓуетничка интеграција, педагошко – психолошката служба, родители.
Потоа учениците имаа работилница на која заеднички изработуваа хамери кои би им користеле во редовната настава, заеднички споделуваа знаења и се запознаваа. Дружбата продолжи со кратка прошетка во младинскиот парк, заеднички фотографии и на крај разделба, до следната средба во Куманово.