Home » Uncategorized » Проектот „Сончева инфузија“ на ОСТУ „Наце Буѓони“ – ВТОРОРАНГИРАН ВО ДРЖАВАТА од страна на Фондот за иновации и технолошки развој и МОН

Проектот „Сончева инфузија“ на ОСТУ „Наце Буѓони“ – ВТОРОРАНГИРАН ВО ДРЖАВАТА од страна на Фондот за иновации и технолошки развој и МОН

Голема чест и задоволство ни е што нашиот проект „Сончева инфузија“, на јавниот повик за финансирање на истражувачки проекти во основните и средните училишта – „Предизвик за млади истражувачи 3“ на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за образование и наука (МОН) е награден и избран за финансирање, уште повеќе што истиот го освои второто место во рамките на средните училишта во Република Северна Македонија.

Во таа насока, честитки до тимот на ученици и ментори кој работеше на идејниот проект и неговото претставување.
Посебна благодарност до инженер Марјан Ненов, нашиот надворешен соработник, чиј патентиран изум беше посебна инспирација и мотив за проектот.

Основната цел на проектот е да се докаже можноста за пренос на енергијата во облик на природната сончева светлина и да се покажат неколку начини за нејзиното  искористување.

Доказот на овој концепт на пренос на изворна сончева енергија – светлина, ќе воведе можност за развој на огромен број иновации од областа на енергетиката, осветлувањето и производството на здрава храна.

Првата примена би можела да биде во производството на раноградинарски растенија, цвеќиња и лековити билки под пластеници и стакларници, но може истото да се примени и во затворени хали и во хидропонско производство. Сончевата светлина која во зимските месеци навлегува во внатрешноста на стаклениците и пластениците ќе биде засилена со сончева светлина донесена преку светловодниот систем во близина. Греењето на почвата  и воздухот во пластениците и стаклениците ќе се изведува со чиста сончева енергија акумулирана во топлинските батерии сместени во почвата на одредени длабочини.

Со ова производството на културите ќе биде многу поевтино, еколошко, поконкурентно и производите ќе имаат подобар квалитет. Ова ќе овозможи и дополнителни реколти поради подобрените услови за созревање.

Втората  примена на докажаниот концепт ќе овозможи развој на тригенеративни енергетски централи за производство на електрична енергија, топлинска енергија и „ладен медиум“. Овие централи можат да бидат со димензии предвидени за поединечни домаќинства, објекти па дури со капацитет за снабдување на електрична енергија, топлина и ладење на поголеми комплекси и градски квартови.

Третата примена е во развојот на самиот светловоден систем кој во блиска иднина може да прерасне во нов глобален дистрибутивен енергетки соларен систем преку кој би се колектирала и дистрибуирала сончевата светлина и би се транстпортирала до потребните локации. Ако ова се примени глобално како што се постоечките дистрибутивни системи за електрична енергија и интернет ќе добиеме ефект на 24/7 Сонце насекаде.

Придобивките може да бидат глобални и огромни и ќе овозможат чиста, еколошка, обновлива и достапна енергија до секој дом и индустрија.

Во прилогот е настанот на прогласувањето на добитниците во Владата на Република Северна Македонија: