По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, ученичката Теодора Николовска од ОСТУ „Наце Буѓони“ – Куманово од клас IV-7 под менторство на професор Лидија Цветкова освои прво место на литературниот конкурс организиран од Отсекот за превенција при Министерство за внатрешни работи.

Конкурсот беше наменет за учениците од основните и средните училишта, со цел преку литературното творештво да се одбележи еден од најзначајните датуми во македонската историја. Учесниците имаа можност преку пишаниот збор да ги изразат своите размислувања и доживувања поврзани со историското значење на 11 Октомври.
Теодора Николовска се претстави со својот расказ, со кој го освои првото место во конкуренција на средните училишта. Читањето на литературните творби се одржа на 11 Октомври во Комитет – Куманово. За најуспешните творби одлучуваа професори по македонски јазик, кои избраа три наградени учесници во категоријата основни училишта и три во категоријата средни училишта. За постигнатиот успех, Теодора Николовска доби диплома и награда, како признание за нејзиното учество и литературно творештво.
Ова признание претставува поттик за понатамошно негување на литературното изразување кај младите, како и за зачувување на историската меморија и вредностите што ги носи празникот 11 Октомври – симбол на слободољубие, пожртвуваност и стремеж за слобода.






