Честит празник училиште наше!
Денес нашето училиште „Наце Буѓони“ одбележува шеесет години од своето постоење и функционирање во Куманово.
Своите почетоци ги бележи уште во далечната 1960 година кога Народниот одбор на Кумановската околија донела Решение за основање на Училишен центар за стручно образование во металската насока, познат како Метален центар „Наце Буѓони“. Училиштето започнува со работа на 1 септември 1960 година со само две паралелки и 89 ученика. Едната паралелка е Машински техничар со 43 ученика, а втората е Индустриски работник со 46 ученика. Така и првата генерација матуранти завршуваат во учебната 1963/64 година, од која произлегле високо образувани кадри, кои секој на свој начин дал придонес за градот. Од далечната 1960 година, па сè до денес во склад со современите општествени потреби, „Наце Буѓони“ прераснува во училиште со вкупно 73 паралелки, од кои 35 со настава на македонски јазик и 38 со настава на албански јазик.
Големиот број награди на општинските, регионалните и државните натпревари во повеќе образовни области зборуваат за успесите и постигнувањата на нашето училиште. Сето тоа е резултат на меѓусебна поддршка на наставниците и учениците и во една флексибилна и отворена средина поттикнуваме творечки дух, креативност, како и почитување на себе и на другите. Градиме доверба, креираме безбедна средина во која секој ученик ќе може да ги промовира своите вредности и потреби. Градиме еднаквост, одговорност и успешност на што сме посебно горди. Воспитуваме ученици подготвени да се справат со животните предизвици и да станат одговорни граѓани на ова наше мултикултурно општество.
Чест е да се биде дел од ова училиште кое постојано се гради и од кое потекнуваат стручни кадри кои се подготвени да одговорат на современите барања на едно современо општество.